Мисијата успешна, нов потпис на Олд Трафорд?

Уругвајскиот напаѓач Единсон Кавани е блиску до договор да ја продолжи соработката со Манчестер Јунајтед на уште една година, пишуваат англиските медиуми. Кавани во Манчестер пристигна во октомври по седум години поминати во Париз Сен Жермен и потпиша договор на една сезона, со можност на продолжување на истиот за уште 12 месеци. Менаџерот на Манчестер, Оле Гунар Солскјер инсистираше на останување на Кавани, а според најновите информации е доста блиску да постигне договор за нова едногодишна соработка. Бока Јуниорс сака да го врати Кавани во Јужна Америка, но се чини дека Солскјер успеа во намерата да го убеди да остане уште една сезона на Островото.