Мистериозна повреда на најдобриот фудбалер на Јувентус
Јувентус веќе поголем дел од сезоната игра без Пауло Дибала. Минатогодишниот МВП на Серија А, од есента одигра само 859 минути и во 16 настапи постигна три погодоци и две асистенции.
Аргентинецот го мачи повреда на левото колено, но веќе два месеци не може целосно да го санира проблемот. Неодамна асот на Јувентус беше во Барселона кај познатиот доктор Цугат, но нема позитивни реакции. Дибала и понатаму чувствува болки во коленото. Лекарите кои ги посетува не можат точно да одредат кој е проблемот.
Маките на Дибала започнаа на 10. јануари кога беше заменет во првото полувреме на натпреварот против Сасуоло. Првите прогнози беа дека ќе го нема 10 до 20 дена. Почетната дијагноза покажуваше полесна повреда на лигаментот, но испадна дека нешто покомплексно е во прашање.
Дибала веќе е на работ на очај бидејќи сезоната наскоро влегува во самиот финиш, на Јувентус му се потребни неговите голови во борбата за четвртфинале во Лига Шампиони, како и во трката кон Интер во Серија А.