Мистеријата наречена Месут Озил

Делуваше дека напуштањето на Арсенал и промената на средината предизвикана со трансферот во Фенербахче позитивно ќе влијае на Месут Озил, но поранешниот германски репрезентативец се уште се „бара“ во Истанбул.
Беше тоа ден од соништата за фановите на Фенербахче кога минатиот месец Озил слета на истанбулскиот аеродром, а кратко потоа и потпиша договор со клубот. Не беше во прашање дали ќе оправда и еден цент од тоа што е платен, со оглед на репутацијата со која пристигна, но неиграњето оваа сезона во Арсенал и тоа како влијаеше на луцидниот фудбалер.
Озил одигра пет натпревари за Фенер и се уште не се запишал во листата на стрелците, а тоа и не би било толку чудно доколку клубот не се наоѓа во криза која се отсликува во дури три порази на петте натпревари откако пристигна Озил.
Два порази во првенството значеа пад на табелата на третото место, а изгубеното градско дерби против Башакшехир значеше и елиминација од Купот.
Со оглед на тоа што не настапуваше во претходните 10 месеци, трпението во Фенербахче за Озил не смее да изостане, но сигурно е дека е крајно време да „проработи“.