Митрашиновиќ на прв тренинг со Тарбс

Капитенот на женската сениорска репрезентација на Македонија се појави на првиот собир на францускиот прволигаш.

Беше во Будуќност, сезоната, онаа ланската ја доигра како кошаркарка на Баскет Кам, ја круниса со освојување на двојната круна, изборот за најкорисен играч во плеј-офот на македонската Прва лига.

А од пред два дена, Анџелика Митрашиновиќ со нови работни обврски.

Во фрацускиот прволигаш Тарбс, екипа која и посака добредојде на нашата, во овој момент и најдобра кошаркарка.

„Анџелика е играч со кој и претходно имавме контакти. Конечно го добивме нејзиниот потпис, и сме среќни поради тоа. Таа е играч кој дефинитивно ќе биде откритие во францускиот шампионат, и убеден сум дека ќе биде способна да ги покаже сите свои напаѓачки квалитети. Очекувам тоа да се даде ефект во играта на тимот во наредниот шампионат. Добредојде Анџелика“ – изјави Франсоа Гомез, тренерот на овој француски женски прволигаш непосредно пред одработувањето на првиот тренинг, нешто како вовед во новата сезона.

Претстојната сезона во која капитенот на нашата женска сениорска репрезентација ќе биде голем предизвик. Посебно ако се земе предвид дека за прв пат во својата кариера ќе игра во една таква, уште посилна конкуренција во однос на некои претходни сезони.