Митровиќ: Ова е еден од најтешките порази во мојата кариера

Александар Митровиќ е разочаран од настапот на Србија на Светското првенство, вели дека треба да се анализираат добро работите, Мундијалот бара многу повеќе отколку квалификациите.

Србија имаше разочарувачки настап на Светското првенство, освои само еден бод и како последна го заврши Мундијалот. Особено тежок за Србите е поразот од Швајцарија на која сакаа да ѝ се одмаздат за поразот на претходното првенство.

„Зад нас е тежок натпревар, исто така тежок ден за нашиот тим, народ… Очекувавме повеќе, ова е еден од најтешките порази во мојата кариера. Не знам што би кажал… Се чувствувам празно, сега ни останува сериозно да ги анализираме причините за неуспехот. Во второто полувреме мораше многу подобро да играме. Физички имавме доволно енергија, но… Направивме многу грешки, недозволени за оваа фаза од натпреварувањето. Не би се сложил дека бевме под нивото на квалификациите, Мундијалот бара многу повеќе. Тука се кријат некои од причините, ни останува сериозна анализа. Тешко е сега да зборуваме. Имавме одличен амбиент, како ниту една генерација досега“.