Михаил Димитриевски потпиша за Работнички
Македонските клубови беа доста тивки во овој празничен период
по повод Илинден, но Работнички денеска го прекина молкот и
објави информација со која потврди ново летно засилување.
Стартот на новата натпреварувачка сезона полека се ближи и
клубовите се подготвуваат за завршните операции во обид да го
засилат тимот, а Работнички ја продолжи својата политика со
давање шанса на млади фудбалери.
Клубот од Дебар Маало соопшти дека го потпишал Михаил
Димитриевски, 22-годишен дефанзивец кој доаѓа во Скопје од
редовите на Брегалница.
Димитриевски настапува на позицијата десен бек и добро е
запознаен со условите во Првата лига, натпреварување од кое
испадна со Брегалница изминатава сезона.
Михаил имаше 27 настапи и насобра потребно искуство во
македонската елита, па сега дефинитивно ќе го има најголемиот
предизвик во досегашната кариера како член на Работнички.