Мијатовиќ си замина од Партизан

Предраг Мијатовиќ повеќе не е потпретседател на Партизан, откако поднесе неотповиклива оставка на таа функција по изборното собрание на клубот.
Еден од најпознатите фудбалери во историјата на „црно-белите“ и дел од раководството се повлече од потпретседателската позиција по две години работа.
Во своето образложение, Мијатовиќ посочи дека во изминатиот период имало конструктивни дискусии околу насоката во која треба да се движи клубот, но и сериозни несогласувања во работењето.
Тој истакна дека бил изненаден од одредени одлуки, меѓу кои и информацијата за трансферот на Андреј Костиќ, за која, како што рече, дознал од медиумите. Дополнително, посочи дека не се согласува со некои кадровски решенија во спортскиот проект на клубот.
„По сè што се случуваше во изминатите месеци, не гледам како би можеле да продолжиме заедно. Можеби требаше порано да се повлечам“, изјави Мијатовиќ, додавајќи дека чувствува дека е неопходно да се повлече од функцијата.
Тој беше еден од клучните луѓе во процесот на стабилизација на клубот, заедно со Расим Љајиќ и Данко Лазовиќ, а неговото заминување претставува една од најзначајните кадровски промени во управата.
Засега не е познато кој ќе го наследи на потпретседателската позиција, а се очекува во наредниот период да следува реконструкција на управувачките структури, како што претходно најави и претседателот на клубот, Расим Љајиќ.