Младите кошаркари на дело – „Чувството е феноменално!“
Теодор Симиќ конечно почувствува како е да се игра за сениорскиот национален ти. Ја доби шансата, селекторот Драган Бајиќ му даде неколку минути на средбата со Словачка, а нашиот топ-проспект „врати“ со првите поени во сениорскиот дрес на Македонија.
„Чувството е феноменално кога си дел од ‘А’ репрезентацијата, каде што иако сум најмал, одлично сум прифатен од соиграчите. Така е и атмосферата во тимот – одлична. Неможе да се опише со зборови она чувство за моето деби на теренот и првиот поен во сениорската репрезентација. Се виде мојата реакција после дадениот кош.Тоа се големи емоции и тоа покажува се“- вели најмладиот члeн нa нашиот националeн состав.
„Што се однесува за вечерашниот натпревар со Швајцарија, ќе биде исто така тежок за нас како и оној првиот. Се работи за одличен противник. Но со победата над Словачка се крена самодовербата во тимот. Покажавме дека имаме квалитет. И ако одиграме како против Словачка во одбраната, нема да имаме проблем на овој натпревар. Нормално очекуваме уште поголема подршка од трибините за овој натпревар“.
Слични се и размислувањата на вториот дебитант во оваа наша селекција. Андреј Андоноски заигра и против Швајцарија, потоа и против Словачка.
„Отсекогаш, животна желба ми била да заиграм за сениорската репрезентација на Македонија. А со поканата за учество, имам голема чест што ми се оствари тој сон! Ова ново искуство нуди големи предизвици со кои сум спремен да се соочам и да ги совладам. Исто така сакам да се заблагодарам на селекторот што ми даде шанса на мои 19 години да ги бранам боите на Македонија“- со голема доза на воодушевување зборува силното крило.