МОК го одржа традиционалниот Олимписки пикник во знакот на спортот и пријателството

Денес, на просторот пред СЦ „Јане Сандански“, во организација на Македонскиот олимписки комитет (МОК), се одржа традиционалниот Олимписки пикник. Во пријатна и опуштена атмосфера, настанот ги обедини спортистите, олимпијците, соработниците и пријателите на спортот во ден посветен на забавата и негувањето на олимписките вредности.
Официјалниот дел го отвори Претседателот на МОК, Даниел Димевски, кој во своето обраќање го истакна значењето на овој настан и континуираното градење на спортската заедница. Тој упати посебна благодарност до присутните гости, меѓу кои и Амбасадорката на НР Кина, нејзината екселенција Џианг Сјаојен, претставниците на Грчката амбасада, како и до сите спортисти и олимпијци. Еден од најубавите моменти беше јавното признание и врачувањето на подароци за тимот кој неуморно и посветено работеше на Европскиот младински олимписки фестивал (EYOF), како знак на внимание за нивниот придонес.
Пикникот понуди и уникатна културно-спортска програма. По поздравното обраќање на амбасадорката Џианг Сјаојен, вработените во амбасадата на НР Кина изведоа прекрасна демонстрација на традиционалната вештина Ba Duan Jin. Веднаш потоа следеше и атрактивна демонстрација на Wing Chun Kung fu (Wushu) предводена од Сифу Мирослав Тодоровски. Она што особено го одбележа овој дел од денот беше интерактивноста – присутните гости не само што уживаа во настапите, туку имаа и одличен простор самите да бидат дел од нив, да се приклучат и да ги пробаат овие древни кинески вештини. Ова предизвика многу насмевки, позитивна енергија и вистинска забава меѓу сите генерации.
По завршувањето на официјалниот и демонстративниот дел, гостите целосно се препуштија на неформалното дружење. Со одлична музичка селекција од двајцата присутни диџеи, вкусна храна и освежителни пијалаци, присутните искрено уживаа и се забавуваа до попладневните часови. Љубителите на активниот одмор ги искористија и термините за падел, тенис и пинг-понг додека волонтерите беспрекорно се грижеа за секој сегмент од организацијата.
Олимпискиот пикник уште еднаш покажа дека спортот е најдобриот начин за поврзување, ширење на позитивна енергија и создавање трајни пријателства.