Мојс останува меѓу „чеканите“ и следната сезона
Вест Хем е подготвен да го задржи Дејвид Мојс како менаџер следната сезона, објави „Скај Спортс“.
Договорот на 60-годишниот шкотски стручњак истекува во летото 2024 година и покрај неодамнешните гласини дека раководството на англискиот клуб сака да го смени менаџерот следното лето, најверојатно Мојс ќе продолжи да биде тренер на „чеканите“ и следната сезона.
Пред неколку недели Вест Хем активно се бореше за одржување на место во англиската Премиер лига, но резултатите на тимот се подобрија.
Вест Хем моментално се наоѓа на 15. место на табелата во Премиер лигата, со шест бода повеќе од зоната за испаѓање. Тимот продолжува да игра и во европските натпреварувања. Вест Хем го доби првиот натпревар од полуфиналето на Конференциската лига со АЗ Алкмар (2-1). Реваншот ќе се одигра на 18 мај во Холандија.