Мукаетов: По 12 години во РФМ со задоволство велам – оставаме светол сигнал на патот!

Претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов, имаше свое обраќање пред клучниот натпревар на репрезентацијата против Гвинеја на Светското првенство (СП) во Хрватска, Данска и Норвешка.

Првиот човек на РФМ истакна дека пред ракометарите и селекторот Лазаров на овој Мундијал стои тешка задача, но посакува да се потврди дека Македонците знаат и можат квалитетно и рамноправно да се носат со најдобрите.

„На ова Светско првенство, македонските ракометари, селекторот Лазаров и целиот стручен штаб имаат тешка задача: Да потврдиме уште еднаш дека ние Македонците знаеме и можеме квалитетно и рамноправно да се носиме рамо до рамо и со најдобрите. Смената на генерација беше тежок и напорен процес, исто како и патот по кој се чекори и во континуитет се гради оваа репрезентација. После веќе 12 години мандат во РФМ со задоволство можам да кажам дека оставаме светол сигнал на патот за идните млади ракометни генерации. Да покажеме доблест и достоинство! За кого? За Македонија“, вели Мукаетов.

Живко Мукаетов оваа година заминува од претседателската позиција во РФМ, а ова е последен шампионат за него како пррв човек на „куќата на ракометот“. Додека тој е на функцијата, Македонија ниеднаш не пропушти големо натпреварување.

Поврзани теми