Мурињо: Загрижен сум заради повредите, но плачењето нема да ни помогне

Жозе Мурињо не можеше да ужива во победата над Кремонезе бидејќи Николо Заниоло си замина со повреда, а Жоржињо Вајналдум исто така заработи тешка повреда на тренинг ден претходно. Португалскиот стручњак јасно стави до знаење дека најверојатно клубот ќе реагира и ќе донесе замени за повредените.

„Честитки за Кремонезе. Во првите 20-25 минути имавме толку многу шанси што лесно можевме да го решиме натпреварот. Му честитам и на судијата бидејќи одлично се снајде. Не можам да кажам дека по многуте грешки играчите се исплашија, но тензијата се зголеми. На крајот гостите беа опасни во статичните ситуации, но ние не погрешивме и освоивме три важни бода. Не е пријатно што загубивме значаен играч како Заниоло, особено по два доста емотивни дена. Николо ќе биде отсутен некое време. Загрижен сум, но плачењето нема да помогне. Ние правиме планови, а потоа двајца од нашите најважни играчи се повредуваат и не остануваат многу опции. Тоа е фудбалот, тоа се случува. Шефовите знаат што би сакал. Работиме заедно и ќе најдеме решение“, рече Мурињо.