Муслиу: Важен натпревар, но сме покажале дека можеме да се носиме со големите селекции

Македонската репрезентација денес патува за Гент каде што на 10. октомври ќе се соочиме со Белгија во натпревар од квалификациите за СП 2026. Нашиот најдобар национален тим одработи мини подготовки во Скопје. Дефанзивецот на белгиски Ст. Труден, Висар Муслиу смета дека може да се спротивставиме на силниот противник и сериозно да конкурираме за првите две места на табелата за пласман на Мундијалот следната година.

„Натпреварот е многу важен за нас, од тоа нема бегање, но ниту е крај на светот. Треба да се подготвиме како и за сите други предизвици, како на минатите натпревари, со ладна глава да влеземе во мечот и да се обидеме да го извлечеме најдоброто од сите нас.

Нормално е дека Белгија ќе не анализира од нашиот последен меѓусебен дуел, но ние многупати сме покажале дека можеме да одиграме квалитетно со големите репрезентации. Ќе се потрудиме да се подготвиме и да покажеме на терен дека сме конкурентни“.