Муслиу: Португалија е фаворит само на хартија

Македонската фудбалска репрезентација вчера го одржа првиот тренинг по враќањето од Палермо, а во пресрет на решавачкиот меч со Португалија за пласман на СП во Катар.

По извонредниот настап на средбата во Италија, Висар Муслиу, пред дуелот со Португалците вели:

„Секако е дека емоциите за Италија се завршени. Сега цел поглед ни е кон Португалија. Мора да се потрудиме многу, знаеме дека ова е можеби шанса која ќе ја имаме еднаш во животот. Мора да дадеме максимум и да се потрудиме да победиме, па така ќе испишеме нова историја за нашиот фудбал. Секој нов меч е различен од претходниот, но знаеме дека чека еден многу тежок меч, со многу притисок и на наша и на нивна страна. Тоа мора да го отстраниме со нашата професионалност. Португалија е фаворит на хартија, сите го велат тоа. Но, ние не мислиме така. Знаеме за каков квалитет се говори. Италија исто имаше квалитет како европски првак, па така сметам дека и ние не сме без никакви шанси во финалето“.