Нагелсман доби нов договор, ќе остане селектор до 2028 година
Селекторот на германската фудбалска репрезентација Јулијан Нагелсман го продолжи договорот со Фудбалскиот сојуз до крајот на Европското првенство во 2028 година.
Нагелсман имаше договор до крајот на Светското првенство кое следната година ќе се одржи во САД, Канада и Мексико.
„Сите ние, навивачите, тимот и стручниот штаб, создадовме нешто што сега сакам заедно успешно да го развиваме. Сакаме заедно да освојуваме титули“, рече Нагелсман.
Поранешниот тренер на Хофенхајм и Баерн Минхен ја презеде германската репрезентација во септември 2023 година и тогаш се наведуваше дека ќе го води тимот само на Европското првенство во Германија минатото лето, но набрзо соработката беше продолжена.
Со Германија стигна до четвртфиналето на Европското првенство, во кое селекцијата загуби со 1-2 по продолженијата од Шпанија, која подоцна ја освои титулата.