Надал: Нема перфектно збогување, тука сум за да помогнам да се радуваме
Во Малага се одржува завршниот Дејвис куп турнир во тенис. Репрезентацијата на Шпанија во четвртфиналето се среќава со Холандија, а фокусот на јавноста е на потенцијално последниот професионален натпревар на Рафаел Надал.
Еден од најдобрите тенисери на сите времиња, Рафаел Надал четирипати го освојуваше Дејвис купот со Шпанија, а сега целта му е по петти пат да ја крене славната „салатара“.
„Нема идеално збогување. Филмските завршетоци се резервирани за американските филмови, а јас одамна сфатив дека нема да бидам еден од нив. Тоа не е нешто што ме загрижува во таа смисла. Моето збогување ќе биде тоа што ќе биде. Во таа смисла, би било фантастично сите во тимот да бидат конкурентни и да се обидеме да освоиме уште еден Дејвис куп“, изјави Надал.
Новак Ѓоковиќ најави дека ќе присуствува на турнирот во Малага. Новинарите се интересираа дали Роџер Федерер ќе го придружува Надал, бидејќи Шпанецот беше дел од неговиот проштален натпревар.