Надал се откажа од уште еден важен турнир

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал потврди дека се откажа од настап на Мастерс турнирот во Мајами, кој ќе се игра на крајот од овој месец, како би се подготвил што подобро за претстојниот дел од сезоната на земја, која стартува за помалку од месец дена.
Оваа информација со жалење ја потврди третиот тенисер на светот.
„Со тага објавувам дека сезонава нема да учествувам на турнирот во Мајами, град кој го сакам. Морам целосно да се опоравам за сезоната на земја во Европа. Посебна порака им испраќам на моите фанови во САД, посебно на оние во шпанското говорно подрачје на Флорида кои ми даваат голема поддршка.“ – напиша Надал.
За потсетување, Надал неделава го препушти второто место на АТП листата на една деценија помладиот Даниил Медведев, а првиот турнир на земја ќе го има на 11. април кога стартува Монте Карло.
Надал никогаш не славел на турнирот во Мајами, а последното финале го одигра во 2017. година, кога беше поразен од Федерер.