Надал се пријави за настап на Лејвер Купот

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал ќе биде дел од Тимот Европа на Лејвер купот, кој е закажан за од 20 до 22 септември во Берлин, соопштија денеска организаторите.

„Надал им се придружува на Карлос Алкараз, Данил Медведев и Александар Зверев во Тим Европа, кој ќе се обиде да го врати трофејот во Лејвер купот под водство на Бјорн Борг“, се вели во соопштението на организаторите.

Лејвер купот во 2022 година беше последниот официјален турнир на кој настапи легендарниот Швајцарец Роџер Федерер, а Надал, иако повреден, дојде на турнирот да игра во двојки со еден од најголемите ривали во кариерата.

Надал изјави дека е многу среќен што по четврти пат ќе учествува на ова натпреварување иницирано од Федерер во 2017 година.