Намалени наградите на Австралија Опен

Организаторите на Австралија Опен донесоа одлука да ја реструктуираат поделбата на парите кога наградите се во прашање. Така, победниците во машка и женска конкуренција годинава ќе добијат помала награда во однос на минатата година. Како што е соопштено, на шампионите во сингл конкуренција ќе им бидат доделени околу 2,75 милиони австралиски долари, во однос на минатогодишните 4,12 колку што добија Новак Ѓоковиќ и Софија Кенин. Наградниот фонд сепак ќе остане ист, 71,5 милиони австралиски долари, па тенисерите кои ќе бидат елиминирани во раните фази ќе добијат поголема награда во однос на минатата година. На пример, поразените во првото коло ќе заработат дури сто илјади долари, што е зголемување за 10 отсто од минатогодишното издание.