На Пеп не му се допаѓаат топките во ФА Купот

И покрај тоа што во саботата се пласираше во четврт-финалето на ФА купот, по победата над второлигашот Плимут (3-1), тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола по натпреварот се пожали на квалитетот на топките кои се користат во ФА купот.
„Топките во Лигата на шампионите (Адидас) и Премиер лигата (Најки) се фантастични. Оваа што се користи во ФА купот (Митре) не е. Дури 20 шута отидоа покрај голот. Во нормални околности тие би оделе во голот“, рече Гвардиола.
Англиската фудбалска асоцијација (ФА), одговори дека топката е добра и дека таа ги поминала сите тестови на ФИФА. Гвардиола не е првиот тренер кој се жали на квалитетот на топките. На почетокот на февруари, тренерот на Арсенал, Микел Артета го стори истото, критикувајќи ги топките на Пума кои се користат во Лига купот.
Откако Њукасл ги елиминираше во полуфиналето на Лига купот, Артета истакна дека од 23. удари кон голот на „страчките“ само три оделе во рамките на голот. Тој доби и одговор дека проблемот не е во топката и дека таа се користи во италијанското и шпанското првенство.