НБА Европа ќе ја промени кошаркарската мапа

Новата сезона во НБА започна, а за помалку од една година би можело да започне и новото натпреварување – НБА Европа.

На традиционалната средба со меѓународните медиуми, заменик-комесарот на НБА, Марк Тејтум, го потврди планот за почеток на новата лига во Европа во 2027 година.

Проектот ќе биде заедничка иницијатива на НБА и ФИБА.

„Во процес сме на финализирање на договорите и наскоро ќе ги претставиме франшизите“, изјави Тејтум, објаснувајќи дека сè уште нема прецизен рок за објавите и дека најважно е проектот да биде реализиран на вистинскиот начин

„Ова е историски момент, мораме да го направиме тоа на вистинскиот начин“, додаде тој.

Се очекува НБА Европа да биде лига со 16 екипи, од кои 12 ќе имаат постојано место, додека преостанатите четири ќе се квалификуваат преку Лигата на шампионите на ФИБА, како и преку домашните првенства, со помош на квалификациски турнир на крајот од сезоната.

Првиот ваков турнир би требало да се одржи на крајот од јуни 2027 година. Засега нема дополнителни официјални информации, освен најавата дека се очекува да учествуваат двата полуфиналисти од Лигата на шампионите на ФИБА, како и екипи што ќе завршат на највисоките позиции во најдоброрангираните домашни европски лиги.

НБА и ФИБА се подготвени да продолжат со реализацијата на својот проект, без да споменат можен договор со Евролигата. Напротив, според Тејтум, клубовите во НБА Европа би требало да почнат да остваруваат профит уште во третата година од постоењето на лигата.