НБА лигата договори претсезонски натпревари во Абу Даби

Два претсезонски натпревари на кошаркарската НБА лига ќе се одржат во Абу Даби во октомври 2022 година, објавија светските агенции, повикувајќи се на извор од Министерството за култура и туризам на Абу Даби. Учесниците на средбите дополнително ќе бидат објавени.
„Одржувањето НБА натпревари и други настани во Абу Даби се заснова на нашата посветеност на развојот на кошарката ширум светот. Преку ова партнерство, на навивачите во ОАЕ ќе им обезбедиме автентично НБА искуство и ќе го поддржиме развојот на кошарката во регионот со обезбедување повеќе можности за момчињата и девојчињата да научат и да ја играат кошарка. Абу Даби е динамичен мултикултурен центар со долгогодишно искуство во одржување на спортски настани од светска класа“, рече заменик-комесарот на НБА, Марк Тејтум.
За последен пат претсезонските натпревари на НБА беа одржани надвор од Северна Америка во 2019 година – во Индија, Кина и Јапонија. Во 2020 година, Милвоки и Шарлот одиграа натпревар од регуларната сезона во НБА во францускиот главен град Париз.