НБА лигата подготвува нов проект, за две години почнува НБА Европа

НБА планира да ги финализира надоместоците за франшиза во наредните месеци за да лансира нова кошаркарска лига во Европа во рок од две години, објави заменик-комесарот и главен оперативен директор на лигата, Марк Тејтум.

„Нашата цел е да го започнеме проектот во следните две години. Секако, тоа зависи од одобрението од НБА и ФИБА. Преминуваме во следната фаза. И мислам дека во следните осум недели ќе добиеме многу добра претстава за тоа на кое ниво на интерес сме. Сметаме дека оваа лига ќе вклучува комбинација од постоечки клубови, потенцијални нови клубови кои денес не постојат и евентуално некои фудбалски клубови кои немаат кошаркарски тим, но сакаат да инвестираат во еден. Во првата фаза, планираме да се прошириме во 10-12 градови од Велика Британија, Шпанија, Италија, Франција, Германија, евентуално Турција и Грција“, изјави Тејтум за „talkSPORT“.

Претходно, НБА и Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА) официјално објавија дека размислуваат за создавање нова професионална кошаркарска лига во Европа, која би послужила како алтернатива на Евролигата и би ги следела европските или меѓународните правила, вклучувајќи натпревари од 40 минути. Би била поблиску до европскиот формат отколку Американска. Планирано е лигата да вклучува 16 тима.