Невреме го одложи натпреварот Атлетико Мадрид – Атлетик Билбао
Мадрид синоќа беше погоден од снежна бура каква локалните жители не паметат скоро половина век. Бурата „Филомена“ создаде бројни проблеми на неподготвените жители на Мадрид, а една од последиците е и одложување на спортски натпревари. Денеска нема да се игра натпреварот помеѓу Атлетико Мадрид и Атлетик Билбао. Гостите беа на пат кон Мадрид, но не можеа да слетаат, па се вратија во Баскија. Играчите на Атлетико тренираа на затворено, додека Реал одработи „нормален“ тренинг пред заминувањето за Памплона. На полетување, чекаа четири часа, но отпатуваа на денешното гостување кај Осасуна. Второлигашот Рајо Валекано тргна на гостувањето кај Мирандес со автобус, но се врати назад откако за пет часа успеа да помине само 20 километри. Натпреварот засега е одложен за утре. Поради непроодни патишта, одложен е и натпреварот помеѓу Алкоркон и Албасете.