Неочекувана смена: Недановски не е повеќе тренер на Вардар 1961
Македонскиот вицепрвак Вардар 1961 ќе направи тренерска смена и во следниот период ќе добие нов предводник. Досегашниот тренер Владо Недановски и управата на клубот се договорија за прекин на соработката.
Клубот преку официјално соопштение во кое директно обраќање има претседателот Михајло Михајловски ја соопшти веста за смената. Во соопштението се наведува дека дојде време за промени, меѓутоа Недановски не заминува од Вардар. Напротив, тој ќе добие нова улога во клубот.
Клупата на Вардар привремено ќе ја преземе Стојанче Стоилов. Се очекува вардаровата легенда да го поведе тимот на гостувањето кај Порто во Европската лига на ЕХФ, а потоа до среда е најавен ангажман на новиот предводник.
Недановски дојде во тренерскиот тим на Вардар првпат во 2020 година како асистент. Една година подоцна тој беше привремен тренер, а потоа пак беше асистент. Од заминувањето на Давид Дејвис во 2022 година, Недановски ја презеде тренерската палка и досега го водеше Вардар.