Непредвиден пораз од Кожув за крај на календарската година на Пелистер

Кошаркарите на Пелистер не успеаја победнички да ја завршат оваа календарска година откако вечерва загубија во Битола од Кожув со резултат 76-83. „Зелено-белите“ одираа под своите можности, особено потфрлија во втората и во четвртата четвртина што се покажа пресудно за Пелистер во 11. рунда да го забележи четвртиот овосезонски пораз.
Пелистер одлично го отвори натпреварот, набрзина поведе со 5-1, а нешто подоцна стигна и до осум поени предност (14-6) со поените на Митревски и на Дејвис. Американецот Брејси Дејвис беше одличен во стартните десет минути, предводени од него „пелистерци“ поведоа со 18-9, а потоа со поените на Милошевиќ стигнаа и до првото двоцифрено водство на мечот (22-11).
Првата четвртина заврши со предност на Пелистер од 22-14, а „зелено-белите“ одржуваа солидна предност до 25-18, по што гостите целосно се вратија во мечот, во 15. Минута со тројката на Пурвис поведувајќи со 27-28. Серијата на Кожув продолжи и гостинскиот состав стигна и до девет поени предност (29-38). Пелистер конечно се разбуди, со тројката на Стојановски намали на 36-39, имаше и тројка за израмнување што Вилсон не ја искористи, па по тројката на Пурвис на спротивната страна на одмор се замина со предност на гостинскиот тим од 36-42.
Kожув го контролираше резултатот до 43-52 и 45-54, по што Пелистер се врати во посакуваниот ритам. Одбраната беше на највисоко ниво, се врати и ритамот во нападот, па за само неколку минути резултатот беше свртен во корист на „зелено-белите“, а гостинскиот тренер Малинков мораше да побара тајмаут по цепелинот на Вилсон за 58-57. Кожув поведе со 58-61, но Брејси Дејвис погоди со звукот на сирената и во последните десет минути се влезе со миниминално водство на гостите од 60-61.
Пелистер одигра катастрофално во првите минути од четвртата четвртина, период во кој Кожув се одлепи и поведе со 62-70. При 65-76 на пет и пол минути до крајот Даскаловски побара уште еден тајмаут. Сепак, ситуацијата на теренот не се промени, гостите ја задржаа предноста до конечните 76-83 и се вратија со цел плен назад во Гевгелија.
Центарот Ленгстон Вилсон имаше импресивен дабл-дабл од 24 поени и 16 скокови, Брејси Дејвис го заврши мечот со 19 поени, Малешевиќ имаше 14, а Митревски 13 поени, недоволно за оваа календарска година да се заврши со триумф.