Нејмар на крајот од сезоната се враќа во матичниот Сантос

Нејмар на крајот на сезоната би можел да го напушти Ал-Хилал и да се врати во својот матичен клуб Сантос, пренесуваат бразилските медиуми

Потпретседателот на Сантос, Освалдо Нико ја откри оваа информација за бразилските медиуми: „Нејмар доаѓа во јуни, во контакт сме со него“. Овој потег би значел враќање на фудбалската ѕвезда во клубот во кој ја започна својата професионална кариера далечната 2009 година. За Сантос одиграл 225 натпревари, постигнал 136 гола и забележал 64 асистенции, со што стана нова ѕвезда на фудбалското небо.

По неговиот блескав успех во Бразил, Нејмар во 2013 година се пресели во Барселона за 88 милиони евра. Неговата трансфер цена ги собори сите рекорди четири години подоцна, кога ПСЖ плати дури 222 милиони евра, очекувајќи тој да биде првата ѕвезда на тимот. Сепак, наместо да стане лидер, Нејмар остана во сенка на Лионел Меси. Во летото 2023 година, тој го напушти Париз без да го освои трофејот во Лигата на шампионите – целта за која дојде.