Нејмар: Ова е најлошиот момент во мојата кариера
Нејмар заработи повреда на натпреварот кој го одигра за Бразил во квалификациите за Светското првенство, поради што најверојатно ќе го пропушти остатокот од сезоната.
Во судиското надополнување на првиот дел падна на тревникот и побара помош. Тој беше изнесен надвор од теренот на носилки, а тестовите открија повреда на предните вкрстени лигаменти и менискусот. Прогнозите укажуваат на принудна пауза од шест до девет месеци, што значи дека Нејмар најверојатно ќе ја пропушти Копа Америка и уште една шанса да постигне голем резултат со Бразил.
Од 2010 година, откако е репрезентативец на Бразил, го освои само Купот на конфедерации во 2013 година, а пред две години неговиот тим го загуби финалето на Копа Америка од Аргентина.
Од неодамна е и играч на Ал Хилал. Клубот од Саудиска Арабија му плати на Пари Сен Жермен 100 милиони евра за да ја доведе една од најголемите ѕвезди на светскиот фудбал, а на Нејмар му вети 320 милиони за двегодишна соработка. Под знак прашалник е кога навивачите на клубот повторно ќе го видат во дресот.
Тешката повреда и новата пауза ја коментираше на социјалните мрежи. „Ова е тажен момент, најлош во мојот живот. Знам дека сум силен, но овој пат ќе ми треба уште поголема поддршка од моите пријатели и семејството. Не е лесно да се помине повреда и операција и само четири месеци по закрепнувањето. Се надевам на Бог и оставам се во негови раце. Благодарам за поддршката и пораките за поддршка“, напиша тој.