„Не треба посебен мотив да се игра против Германија“
На официјалната прес конференција во пресрет на натпреварот против Германија од квалификациите за Светското првенство 2022. селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски и капитенот Горан Пандев истакнаа дека посебна мотивација за мечот со големиот противник и не треба. Германија е голем фаворит, но ние во минатото покажавме дека можеме да се носиме и со репрезентации од рангот на противникот.
„Германија не е фаворит само против нас, туку е фаворит на сите Светски и Европски првенства. Ова ќе биде специјален меч за нас и ќе биде задоволство да се игра со ваков противник. Затоа не ни треба посебна мотивација и самото тоа што играме против поранешен светски шампион ни ја зголемува желбата и мотивот за надигрување. Очекувам возбудлив натпревар. Против силни противници играме добро. Верувам дека така ќе биде и на утрешниот дуел. Германците се физички силни и имаат огромен квалитет. Доколку после тренингот биде се добро со Велковски и Адеми и двајцата ќе конкурираат за место во почетникот состав.“ – изјави Ангеловски.
„За нас е чест што ќе играме против голем противник. Ние сме подготвени да го дадеме максимумот, иако ова ќе ни биде трет натпревар за седум дена. Германците знаат против кого играат, знаат со каков квалитет располагаме и сигурно одлично ја анализирале нашата игра. Но, ние сме сосема различна репрезентација од пред пет или шест години, сега сме далеку посилни, сега сме учесници на ЕП и сметам дека и противникот ќе биде претпазлив. Тие се фаворити, тоа е јасно, но мораме да веруваме во себе и да веруваме дека може да ги изненадиме.“ – изјави Пандев.