Никола Ѓорѓиев потпиша за Карловарско во Чешка

Најдобриот македонски одбојкар, Никола Ѓоргиев од Романија замина за Чешка. Тој од денес е нов член на најдобриот тим во чешката Екстралига, Карловарско.
Клубот денеска и официјално го потврди трансферот на нашиот капитен, кој во првиот дел од сезоната го носеше дресот на романски Рапид.
37-годишниот Ѓоргиев во 21-вата своја сезона како интернационалец за првпат ќе настапува во првенството на Чешка.
„Ова ми е 21-ва сезона како играм во странство и ќе ми биде првпат во Чешка. Многу сум среќен што се приклучувам на успешниот клуб ВК ЧЕЗ Карловарско, кој досега имаше одлична сезона. Се надевам дека сите ќе останеме здрави и дека ќе ја продолжиме добро започнатата сезона и ќе ги оствариме сите наши цели. Со нетрпение очекувам да ве сретнам сите во Салата за балски спортови и се надевам дека ќе освоиме уште многу натпревари и трофеи“, изјави Ѓоргиев.