Нико Ковач: Најголемиот проблем на моите играчи е во нивните глави

Играчите на Борусија Дортмунд се квалитетни фудбалери, но во моментов најголемиот проблем е во нивните глави, изјави денеска хрватскиот стратег Нико Ковач, тренер на клубот од Дортмунд.

Ковач го изјави ова во пресрет на реваншот од плеј-офот во Лигата на шампионите, во кој Борусија на својот стадион го пречекува Спортинг Лисабон. Дуелот се игра во среда со почеток во 18:45 часот. Во првиот натпревар Борусија направи огромен чекор кон осминафиналето победувајќи на гостински терен со 0-3.

Сепак, Ковач немаше позитивен почеток на сезоната во неговиот нов клуб. Најпрвин загубија дома од Штутгарт со 1-2, а минатиот викенд беа поразени со 0:2 од Бохум, последниот тим во поредокот до тоа коло.

„Морам да ја зајакнам самодовербата на играчите. Таа самодоверба се стекнува со квалитетна работа, добри игри и победи. Гледам многу позитивни работи кај играчите, но победите ве прават посилни и мораме да научиме да победуваме постојано“, рече Ковач.

Некои германски медиуми веќе почнаа да пишуваат негативни написи за Ковач, кој веднаш се најде на мета на критики поради двата порази во Бундеслигата.

„Болат тие два порази. Мене лично најмногу ме боли начинот на кој примивме голови. Мора да работиме, да тренираме и да вежбаме. Нема премногу филозофија. Но, повторувам, имам многу квалитетни играчи и верувам во подобро утре“, заклучи Ковач.