Норвешка одлучи да не го бојкотира СП во Катар

Норвешкиот фудбалски сојуз одржа седница на која членовите на сите фудбалски клубови во земјата ја изгласаа и потврдија одлуката да не се бојкотира Светското првенство во Катар 2022. година.

Право на глас имаа претставници од сите фудбалски клубови во државата, од првата до десеттата лига, а гласаа виртуелно. Отприлика една четвртина (121) од претставниците гласаа за бојкот, додека 368 гласаа против бојкотот.

Причина за покренување на ова прашање беше односот на Катар кон работниците кои работат на проектот и кон човековите права воопшто.

Многу од граѓаните на оваа нордиска земја веќе се изјаснија дека нема да го гледаат Светското првенство, а некои од клубовите ја повикаа репрезентацијата на бојкот.

Властите во Катар се бранат од обвинувањата за нехумани услови во кои работат градежниците, поголемиот број мигранти, со тврдења дека им се обезбедени „значајни бенефити“ во сместувањето, дека имаат едни од најдобрите услови за работници помеѓу земјите во регионот и дека секогаш се транспарентни во известувањето за нивната здравствена состојба.