Облак: Стигна казна за нашите нереализирани шанси

Голманот на Атлетико Мадрид, Јан Облак, смета дека пропуштените гол-шанси биле клучната причина за поразот од Барселона со 2:1, во дербито од 12. коло во шпанската Ла Лига. Словенечкиот репрезентативец истакна дека неговиот тим одиграл одлично во првото полувреме, но не успеал да ја искористи иницијативата и да замине на пауза со предност.
„Не успеавме да ги искористиме шансите што ги создадовме. Екипи како Барселона не простуваат такви грешки. Потоа го постигнаа и вториот гол, па работата стана многу потешка“, изјави Облак по натпреварот.
Тој нагласи дека Атлетико бил многу добар во првите 45 минути, но дека не успеал да ја претвори добрата игра во резултатска предност. Поразот дополнително ја прекина серијата од седум последователни победи на мадридскиот тим. Со оваа победа Барселона ја задржа лидерската позиција во Ла Лига и предноста од три бода пред Реал Мадрид, додека Атлетико остана трет, со пет бода помалку од каталонскиот ривал.