Овермарс ги одбил понудите од Њукасл само за да остане во Ајакс

Марк Овермарс ја одби понудата на Њукасл да стане спортски директор во клубот. 48-годишниот Холанѓанец ја извршува функцијата во Ајакс од 2012 година и за тоа време стекна репутација како специјалист за откривање и развивање таленти од светска класа. Затоа новите сопственици на Њукасл сакаа да го привлечат во својот проект. Сепак, според одредени медиуми на Островот, Овермарс одлучил да остане во Холандија и да ја продолжи својата работа во Ајакс.

Во меѓувреме, Њукасл се очекува денеска да го објави назначувањето на Еди Хау, кој ќе го замени Стив Брус на менаџерската позиција. Поранешниот тренер на Бурнемаут во живо го следеше гостувањето кај Брајтон во саботата, а Њукасл е на претпоследното место на табелата во Премиер лигата само благодарение на подобрата гол-разлика од Норич.