Огура дисквалификуван по трката во Аргентина

Возачот на Трекхаус, Аи Огура, е дисквалификуван од трката за ГН на Аргентина, откако неговиот тим користел софтвер кој претходно не ја поминал хомологацијата.

Јапонскиот возач го зазеде импресивното осмо место на втората трка од сезоната, откако стартуваше од 15-та позиција.

„Огура користеше нехомологирана верзија на софтверот (V21 b102), која не е одобрена во Светскиот шампионат. Ова е спротивно на членот 2.4.3.5.3 за електрониката од правилникот на Светското првенство“, се вели во соопштението на Дирекцијата за трка.

Тимот нешто подоцна излезе со соопштение во кое се наведува дека иако Огура не добил никаква предност од грешката, ја прифатиле казната.

Дисквалификацијата на Огура од втората трка во сезоната му овозможи на неговиот тимски колега Раул Фернандез да освои еден бод, откако се искачи на 15. место.