Одбојкарите ги започнаа подготовките во Крушево

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија од денеска ги почнува подготовките за Европското првенство, одбојкарите се собраа во хотелот „Монтана“ во Крушево.
Со исклучок на средниот блокер Филип Савовски, кој ќе пристигне на вечерниот тренинг, сите останати репрезентативци се појавија на првата прозивка на селекторот Јошко Миленкоски.
Селекторот подготовките ги отвори со статистика и податоци за подготовките кои репрезентацијата ги имала за ЕвроВолеј 2023, потенцирајќи дека ќе бара сериозност, дисциплинираност и најави напорно темпо на работа.
„Мојата методологија на работа е добро позната за секој од вас. Барам професионален однос, сериозност и посветеност. Тука сме да направиме резултат, а тоа значи сѐ друго да биде во втор план, целиот фокус да биде на одбојката. Ќе имаме обврска да го поминеме целиот материјал повторно, за да нема никакво недоразбирање за нашиот систем, тактика и дисциплина. Сето она што го имаме како наша игра треба да го потврдиме и надоградиме. На ЕП нема да одиме како аутсајдери, имаме цел да постигнеме резултат и таргет репрезентации на кои ќе посветиме доволно внимание во текот на подготовките“, потенцираше Миленкоски при првиот поздрав на екипата и продолжи: Во Крушево ќе бидеме 11 дена, и ќе одработиме 20 тренинзи со посебно внимание на физичката подготовка и индивидуалната техника. Потоа продолжуваме со работа во Скопје. Имаме 35 дена до стартот на ЕП и ќе имаме забрзано темпо на работа, но со дозиран интензитет и верувам дека подготвени ќе го дочекаме првенството“, рече селекторот Миленковски.
Репрезентацијата ја поздрави и потпретседателот на Одбојкарската федерација, Ивица Хаџи Иљоски.