Одбојкарите комплетни заминаа за Софија на двомеч против Бугарија

Со Филип Деспотовски во составот и повторно без услугите на Филип Маџунков, македонската одбојкарска репрезентација ќе ги одигра двата софиски натпревара со Бугарија, последни пред квалификациите за Европското првенство. Минатата недела во Скопје, во рамки на 44. издание на турнирот „Чајка“, противникот беше подобар со 3-2 и со 3-1, иако ние водевме со 2-0 во првиот и со 1-0 во вториот меч, а во споредба со тие соочувања, црвено-жолтите сега ќе ја имаат поддршката од техничарот Деспотовски, кој неодамна се приклучи на подготовките на нашиот национален тим. Со оглед дека сме дефицитарни на позицијата среден блокер, стручниот штаб не сака да ризикува со коленото на Маџунков, па нема да смета на него ниту за гостинскиот двомеч со Бугарија. Тоа значи дека во македонскиот репрезентативен табор ќе има само една промена во однос на составот од арената „Борис Трајковски“, а тоа е Деспотовски на местото на Ефтим Ричлиев. Од целосниот состав, покрај Маџунков, повторно меѓу кандидатите за настап не е Стефан Алексов.
Во репрезентацијата на Бугарија ќе има пет замени, зартоа што сега ќе играат одбојкарите коишто се носители и веројатно ќе се најдат и во првата линија. По скопските контроли со нас, селекторот Силвано Пранди ќе може да смета на коректорот Цветан Соколов, на примачите Мартин Атанасов и Аспарух Аспарухов, на техничарот Георги Сеганов, како и на средниот блокер Алекс Грозданов. Владимир Станков, Георги Петров, Илија Петков, Георги Љуцканов и Жулиен Георгиев нема да се најдат во дресот со државниот грб, а беа меѓу 14-темина во Скопје. Поради повреда повторно нема да настапи блокерот Гоцев, кој беше стандарден на Европското првенство 2019.