Одржан градскиот триатлон во Куманово

Заврши дводневниот спортски настан – градски триатлон, информираа денес од општина Куманово.

Градот беше домаќин на дводневен спортски настан кој го реализираше со техничка поддршка на Триатлон федерацијата од Македонија. На спортската манифестација, која се одржува по петти пат во земјава, покрај македонските, учествуваа и спортисти од Србија, Косово, Бугарија, Хрватска и САД.

„Учествуваа натпреварувачи од сите категории, почнувајќи од деца, сениори, јуниори, мастерс и штафети, во женска и машка конкуренција. Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, во присуство на претседателката и членови на Советот и претставници од општинската администрација, на најуспешните спортисти им додели награди и признанија за постигнатиот успех, истакнувајќи ја важноста на ширењето на спортскиот дух и начин на живот, за сите граѓани без оглед на нивната возраст“, информираа од општината.

Натпреварите во дисциплините пливање, велосипедизам и трчање се одржаа на градскиот базен, по булеварите „Октомвриска Револуција“, „Трета МУБ“ и на патеките околу спортско – рекреативниот комплекс.