Осака: Не сум среќна, морам да одморам од тенисот!
Јапонската тенисерка Наоми Осака не е среќна и не ужива во животот и спортот што го сака. Победува, а не се радува, кога ќе загуби и е многу тешко да прифати пораз.
Не изгледа добро и не звучи добро, што и самата го потврди по тешкиот пораз од тинејџерката Лејла Ани Фернандез.
Потребна е пауза од тенисот, од се, додека не види што ќе прави со себе.
„Кога победувам, не се чувствувам среќна, тоа ми доаѓа повеќе како олеснување. Кога ќе загубам, многу тажна. Мислам дека тоа не е нормално“ – ги објасни своите емоции Осака, која веќе некое време се бори со депресија, поради што се откажа од минатиот Ролан Гарос и навистина изгледа дека се уште има одредени психички проблеми што ја кочат.
Никој не знае што се случува со Осака, таа вели дека не се познава себеси, и затоа ќе паузира до понатамошно известување, а не би било изненадување ако последен пат ја видовме на тенискиот терен. Сепак, здравјето е најважно.
„Чувствувам дека стигнав до точка каде што морам да разјаснам со себе што сакам да правам понатаму. Искрено не знам кога ќе го одиграм следниот натпревар. Мислам дека ќе се одморам од тенисот“ – рече Осака.