Осимен и Наполи се договорија за продолжување на соработката

Преговорите за новиот договор на Виктор Осимен со Наполи се поблиску до финализирање. Агентот на Нигериецот, Роберто Календа пристигна во Кастел Ди Сангро, каде што тренира тимот, на завршни разговори со претставниците на клубот.

Двете страни се во постојан контакт од почетокот на летото и работат на тоа Осимен да остане што подолго на „Диего Армандо Марадона“. За напаѓачот се заинтересирани голем број водечки клубови од Европа, предводени од Челзи, Манчестер Јунајтед и Пари Сен Жермен.

Сепак, претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис е категоричен дека ќе го задржи најдобриот стрелец во Серија А барем уште една сезона. Исклучок би направил само за понуда вредна најмалку 150 милиони евра.

Договорот на Осимен со Наполи е до летото 2025 година. Добива по 4,5 милиони евра. Клубот е подготвен да и понуди на својата ѕвезда нов договор со плата меѓу 7 и 7,5 милиони евра по сезона.