Оставка за првиот човек на олимписко Токио заради секситички изјави
Претседателот на организацискиот одбор на претстојните Олимписки игри во Токио, Јоширо Мори, ќе поднесе оставка поради неодамнешните сексистички изјави што предизвикаа лавина реакции во јавноста, jавија британски медиуми.
Поранешниот јапонски премиер го навлече гневот на домашната и светската јавност на почетокот на овој месец кога рече дека „жените премногу разговараат“ за време на состаноците на Јапонскиот олимписки комитет.
„Притиснат“ потоа од новинарите да го допрецизира својот став, дали навистина мисли дека жените премногу зборуваат, Мори рече: „Во последно време не слушам многу жени, па затоа не знам“.
Во продолжение на скандалот, 83-годишниот Мори свика итна прес- конференција на 4 февруари во Токио, признавајќи дека неговиот коментар бил непримерен и се коси со олимпискиот дух, но не поднесе оставка на раководното место на Игрите, што треба да започнат на 23 јули.
Извори за агенцијата Ројтерс тврдат дека Мори ќе биде заменет на должноста од поранешниот претседател на Јапонската фудбалска федерација и градоначалник на олимпиското село во Токио, Сабуро Кавабучи.