Откриена тајната за успех на Кристијано Роналдо

Кристијано Роналдо е најдобар стрелец на Европското првенство по групната фаза. Португалецот досега постигна пет голови, а неговата Португалија во осминафиналето ќе игра против Белгија.

Роналдо и на 36 години делува незапирливо. За Јувентус минатата сезона на 44 натпревари постигна 36 голови, а на Европското првенство го израмни рекордот на Али Даеи. Роналдо со двата гола против Франција стигна до 109 голови во дресот на Португалија, а ист број погодоци во дресот на Иран постигна токму Даеи, кој до оваа бројка стигна на 149 натпревари од 1993 до 2006 година.

Роналдо и покрај години е во одлична физичка форма. Тоа е благодарение на напорните тренинзи и посебната исхрана која ја откри Белгиецот од Јувентус, Дауда Питерс. Тој игра за тимот до 23 години во третата лига, но понекогаш тренира со Роналдо и другите првотимци.

„Секогаш јаде исто. Брокула, пилешко и ориз“- изјави Питерс и продолжи:

„Пие литри и литри вода, нема Кока Кола. Кристијано сака да победува секогаш и секаде. Тој ги тера младите играчи да растат. Навистина ве вклучува во се.“

„Тој вежбите не ги прави туку така, а тоа е затоа што своето тело го гледа како инструмент за работа. Кога е во клубот, тој главно само тренира. Тој цело време ја живее својата работа. Многу драго момче е, но истовремено фудбалот го сфаќа многу сериозно. Во автобус не говори за нешто друго. Ќе биде многу мотивиран против Белгија“– вели Питерс.