Отпорот траеше еден сет, дамите загубија од Унгарија на стартот на Европската лига

Женската репрезентација на Македонија со 0:3 (14:25, 21:25, 11:25) загуби од Унгарија во првиот натпревар од годинешното издание на Европската лига, на турнирот кој се игра во Порто.

Унгарките вчера го победија домаќинот Португалија (3:0) додека денеска со триумфот и над нашата селекција со шест бода си заминуваат од португалскиот град.

Дамите имаа одлично отворање на натпреварот. Делуваа мирно и дисциплинирано во воведните минути и иако Унгарија го контролираше резултатот, сепак ние наоѓавме одговор на нејзината игра. Се држевме се до средината на првиот сет, 13:15. Потоа следуваше голем пад со кој му дозволивме на ривалот да направи серија од 1-10 и мирно со 14:25 да поведе 0:1 во сетови.

Во вториот сет Македонија се покажа во најдобро светло. Влезе со серија од 3:0 предводена од Милевска и Ковачевиќ, кои со поддршка од соиграчите ја одржуваа позитивата до 8:5. Во средината на сетот Унгарија се избори за пресврт, 11:14, 13:16, но постојано го притискавме противникот и се боревме 19:21. Немавме сила за да изненадиме и со 21:25 се најдовме во негатива од 0:2.

По одличниот втор сет, комплетно дефокусирано го стартуваа одбојкарките третиот сет. Унгарија имаше серија од 0-6, која ја претвори во 3:11, односно 5:15. Ништо не функционираше во нашите редови, па селекторот Милош Гавриловиќ се одлучи за комплетна промена на поставата и им даде шанса на сите одбојкарки кои ги имаше на располагање. Со 11:25 го загубивме последниот сет.

Андротеа Милевска беше најефикасна во нашите редови со девет поени, следена од Ива Стојковска со седум, додека Љиља Ковачевиќ имаше пет поени. Марија Василевска освои три, додека по два имаа Теа Терзиевска и Ана Фасулева.

Вториот натпревар во Европската лига 2026 Македонија го игра утре против домаќинот Португалија од 19:30 часот.