Официјално: Американци го купија најстариот италијански клуб

Американскиот инвестициски фонд „777 Партнерс“ го купи најстариот италијански фудбалски клуб Џенова за 150 милиони евра, објавија италијанските медиуми.

Медиумите пренесоа информација дека Американците и претседателот на Џенова, Енрико Прециоси постигнаа договор, а официјалното соопштение се очекува во најскор можен рок.

777 Партнерс е приватна инвестициска компанија со седиште во Мајами. Основана е во 2015. година, а во своето портфолио имаат и мал дел акции во шпанскиот прволигаш Севиља.

Италијанскиот стопанственик Прециоси од 1998. до 2003. година беше претседател на Комо, а во 2003. година ја купи Џенова по испаѓањето на клубот во Серија Ц1.

Интересно, тој повеќепати беше казнуван и суспендиран. Беше вмешан во скандалот со лажните сметководства (Биланчополи), во кој клубовите манипулираа со цените на фудбалерите и други лажни трикови како би ги поминале финансиските тестови. Прециоси беше суспендиран на четири месеци и казнет со 15.000 евра.

Џенова е основана на 7. септември 1893. година и е најстар италијански клуб, а во моментот нивниот дрес го носи Горан Пандев.