Офтедал ја заврши професионалната кариера
Славната норвешка ракометарка, Стине Офтедал, заминува во спортска пензија со освоен златен медал од Олимписките игри во Париз.
Една од најдобрите средни бекови во светот се збогува со националниот тим на најубав можен начин, a пред само два месеца ја освои и Лигата на шампионите со унгарскиот Ѓер, што значи дека оваа сезона е една од најуспешните во нејзината богата кариера.
Офтедал беше прогласена и за најкорисна ракометарка во елитниот ранг (МВП), а сега го одигра последниот „танц“ во својата репрезентација и го освои најважното олимписко одличје.
Норвежанката е воедно трикратен светски шампион, петкратен европски шампион, а има и три медали од Олимписките игри – два бронзени и еден златен.
Нејзината кариера траеше повеќе од седумнаесет години, а најголем печат остави во тимот на Ѓер, каде се задржа цели седум години.