Очајнички обид Арсенал да купи напаѓач, изборот паѓа меѓу Исак и Давид
Арсенал се обидува да привлече напаѓач пред затворањето на преодниот рок, но тоа се покажува како тешка задача. Лондончани бараат замена за Пјер-Емерик Обамејанг, но во исто време се обидуваат да се разделат со него – нешто што исто така е нејасно дали ќе можат да го сторат до понеделник.
Нивната главна цел беше напаѓачот на Фиорентина, Душан Влаховиќ, но тој одбра да се пресели во Јувентус. По овој неуспех, Арсенал сега мора да се насочи кон некој друг напаѓач. Обидот на Арсенал да го ангажира играчот на Реал Сосиедад, Александар Исак, исто така наиде на проблем, бидејќи Шпанците им рекоа дека мора да платат клаузула од 90 милиони евра за да го добијат напаѓачот. Нивните последни надежи се во напаѓачот на Лил, Џонатан Дејвид.
Сепак, францускиот клуб не сака сега да се раздели со него, туку да почека до летото. Други опции за Арсенал се Доминик Калверт-Левин од Евертон, напаѓачот на Наполи, Виктор Осимен и Оли Воткинс од Астон Вила. Ниту еден клуб не би се разделил со главен играч во зима без да најде замена, а времето истекува.