Пандев: Жалам што не ги израдувавме навивачите

Фудбалската репрезентација на Македонија го одигра својот прв натпревар на ЕП и секако тоа е големо искуство за секој фудбалер кој настапи на оваа средба.

Македонија загуби со 3-1, а капитенот Горан Пандев по натпреварот истакна дека жали затоа што фудбалерите не ги израдувале навивачите кои беа на стадионот во Букурешт со победа.

„Како за првпат, за прв натпревар на Европското првенство, за нас ова е едно големо искуство. Одигравме одлични 80 минути. Австрија физички е многу посилна од нас, имаат добра клупа, знаевме дека ако издржиме во првите 15 минути, можеме да играме против нив. Примивме еден несреќен втор гол, па натпреварот беше решен. Шансите не се загубени, треба добро да се одмориме. Не чека уште еден тежок натпревар против Украина, на кој мора да играме отворено и да одиме на победа затоа што нема што да загубиме. Најмногу ми е жал за луѓето кои дојдоа тука, им благодарам од срце. Ние го дадовме максимумот, се надевам дека ќе бидеме уште подобри“, изјави Пандев по натпреварот.