Панчев: Лицемерието на Западот ја чинеше Црвена Звезда еден бод

Легендата на Црвена звезда, Дарко Панчев е огорчен по поразот на црвено-белите од Милан (1-2), и вели дека лицемерството на Западот го победи шампионот на Србија.

Поразот на Звезда предизвика жестоки критики кон судијата Хесус Хил Манзано. Тој ги оштети црвено-белите во 88. минута при голот на Милан за 2-1 и не досуди прекршок врз Урош Спаиќ. Дефанзивецот на Звезда бараше прекршок, ВАР ја разгледа целата таа ситуација и на крајот беше утврдено дека не постои никаков прекршок.

„За жал, правдата не можеме да ја најдеме, таа тргна по својот пат. Ако тоа во финишот се случеше во шеснаесетникот на италијанскиот претставник, сигурно ќе се досудеше прекршок, не би се ни одело во ВАР соба. Толку за чесноста. Значи, лицемерството што Западот го покажува кон клубовите од Истокот доби нова потврда и нова димензија, играчот на Милан го турна противникот од Звезда… Играв фудбал, знам што е прекршок. Ова е срамота“, рече Панчев.