ПАО без Слукас во плеј-офот на Евролигата

Кошаркарите на Панатинаикос со утрешното гостување кај Валенсија ја стартуваат плеј оф серијата сезонава во Евролигата. Но, на последниот тренинг на тимот пред дуелот се повреди капитенот и грчки репрезентативец Костас Слукас, што донесе загриженост во редовите на „зелените“.
Од скромните информации, Слукас за време на една од вежбите почувствувал болка во коленото и прекинал со работа. Дополнителните прегледи покажале повреда на менискусот.
Отсуството на Слукас ќе биде сериозен проблем за тренерот Ергин Атаман.
Од клубот се очекуваат и попрецизни информации за тежината на повредата и дали ќе биде потребна операција.
Првиот натпревар од четвртфиналето на плеј офот меѓу Валенсија и Панатинаикос се игра утре вечер со почеток во 20:45 часот.