Партизан по продолжение слави во лудото белградско дерби

Кошаркарите на Партизан ја добија првата овосезонска пресметка со Црвена звезда на европската сцена, откако по голема драма и продолжение славеа со 85-82 во рамките на Евролигата.
„Црно-белите“ одиграа одлично прво полувреме и стекнаа значителна предност, но Црвена звезда не се предаде и во продолжението од натпреварот успеа да се врати во игра. Сепак, Партизан имаше повеќе концентрација во решавачките моменти и на крајот се радуваше на важна победа.
Домаќините фуриозно го отворија натпреварот, поведувајќи со 7:0, а потоа предноста ја зголемија и на 13-3. Партизан продолжи да го контролира темпото и по првата четвртина имаше двоцифрена предност од 31-21.
Во втората четвртина избраниците на Жоан Пењароја дополнително ја зголемија разликата, која во еден момент достигна и 15 поени (36:21). Црвена звезда се обидуваше да се врати, но на паузата замина со негатива од 14 поени (52-38).
Сепак, „црвено-белите“ не се откажаа. Во третата четвртина успеаја да ја намалат разликата, пред Партизан повторно да се одлепи и во последните десет минути да влезе со водство од 65-50.
Во завршната четвртина следуваше нов голем налет на Црвена звезда. Тимот на Ибон Наваро ја искористи кризата во нападот на противникот и постепено ја топеше предноста, приближувајќи се на само четири поени (68-64).
Партизан се обиде да го запре налетот, но Звезда продолжи да се бори и внесе неизвесност во финишот. На крајот, регуларниот дел не беше доволен за да се реши победникот, па вечните ривали мораа да играат продолжение.
Во дополнителните пет минути Партизан беше посигурен и успеа да го приведе натпреварот до крај во своја корист, славејќи со 85-82.